9-ти ноември 2011

CCJE (2011)2 Final

СОВЕТОДАВЕН СОВЕТ НА ЕВРОПСКИТЕ СУДИИ CONSULTATIVE COUNCIL OF EUROPEAN JUDGES

(CCJE-GT)

                                                                                                                      

Мислење на ССЕС бр.(2011)14

„Правдата и информациските технологии (ИТ)“

Усвоено од страна на ССЕС на неговото 12-то пленарно заседание

(Стразбур, 7-9 ноември 2011)

                                                                                            


А.              Вовед

1.        Во 2011 година, на Советодавниот совет на европски судии му беше дадена задача да усвои Мислење за дематеријализација на судскиот процес наменето за Комитетот на министри. Во своите дискусии, ССЕС заклучи дека насловот „Правдата и информациските технологии“ соодветно го одразува целениот предмет на ова мислење на посеопфатен и полесно препознатлив начин одошто претходниот наслов. Затоа е избран овој нов наслов за ова Мислење.

2.        Мислењето е подготвено врз основа на претходните Мислења на ССЕС и на Магна карта на судиите (Magna Carta of judges), како и на одговорите доставени од страна на Земјите членки на прашалникот подготвен од ССЕС за дематеријализација на судскиот процес и на прелиминарниот извештај подготвен од експертот Г-ѓа Дори Рајлинг (Ms Dory Reiling) од Холандија.

3.       При подготвувањето на ова Мислење, ССЕС воедно ги зеде предвид релевантните инструменти на Советот на Европа, особено Конвенцијата за заштита на поединците во поглед на автоматско процесирање на лични податоци, од 1981 година, како и извештајот „Европските судски системи“ (Издание 2010) на Европската комисија за ефикасноста на правдата (European Commission for the Efficiency of Justice - CEPEJ) (особено Поглавјето 5.3 за Информациски и комуникациски технологии во судовите). Исто така се зедоа предвид други меѓународни правни инструменти, како што се Европската стратегија на Европската Унија за правдата и Директивата на Европската Унија за заштита на податоците, Директивата 95/46/EC на Европскиот Парламент и на Советот за заштита на поединците во поглед на процесирањето на личните податоци и за слободното движење на таквите податоци.

Б.              Опфат на Мислењето и општи начела

4.        Ова Мислење го третира прашањето на примената на современата информациска и комуникациска технологија (ИТ) во судовите. Тоа се фокусира на можностите кои ги нуди ИТ во поглед на судството и судскиот процес, како и на влијанието кое го врши врз нив. Особено се третираат прашања како што се пристапот до правдата, владеењето на правото, независноста на судиите и судството, функционирањето на судовите и правата и обврските на страните. Прашањето на техничките аспекти на ИТ  добива првенствена важност.

5.        ИТ треба да биде алатка или средство за подобрување на делењето правда, за подобрување на пристапот до судовите за корисниците, и за зајакнување на гаранциите зацртани во член 6 од ЕКЧП: пристап до правдата, непристрасност, независност на судиите, праведност и разумно времетраење на постапките.

6.        Воведувањето на ИТ во судовите во Европа не треба да го компромитира хуманото и симболичкото лице на правдата[1]. Ако правдата се перципира од страна на корисниците како чисто техничка, без нејзината реална и фундаментална функција, таа ризикува дехуманизација. Правдата е и треба да остане хумана, бидејќи првенствено се занимава со луѓето и нивните спорови. Ова најдобро се гледа кога се евалуира однесувањето на парничарите и нивните сведоци, што е задача која во еден суд ја врши судијата задолжен за одлучување по случајот.

7.        Магна карта на судиите им доделува на судиите ко-одговорност за пристапот до брзо, ефикасно и финансиски достапно решавање на спорови. Судиите мораат да ги идентификуваат предностите и недостатоците на ИТ, и да идентификуваат и елиминираат секаков ризик по правилното делење на правдата. ИТ не смее да ги загрози процедуралните права на страните. Судиите мораат да внимаваат на таквите ризици, бидејќи тие се одговорни да се погрижат правата на страните да се заштитени.

8.        Судиите треба да бидат вклучени во оценувањето  на влијанието на ИТ, особено ако е  побарано или е одлучено  прашањата во врска со документите или  постапките  да може да се спроведуваат по електронски пат. ИТ не смее да ги спречува судиите да го применуваат законот на независен начин и со непристрасност.

9.        Не сите поединци имаат пристап до ИТ. Во моментов, не треба да се укинат потрадиционалните облици на пристап до информации.Не треба да се отстранат одделенијата за поддршка и другите облици на помош во самите судови поради погрешниот аргумент дека ИТ ја направило правдата „достапна за сите“. Ваквата загриженост е особено важна во однос на заштитата на ранливите категории на лица.

10.     Примената на ИТ не треба да ги намали процедуралните гаранции за оние кои немаат пристап до новите технологии. Државите мораат да се погрижат на странките без таков пристап да им биде пружена специфична помош во ова поле.

11.     Со оглед на важната улога која ИТ технологијата ја има денес во делењето правда, особено е важно да се обезбеди тешкотиите во функционирањето на ИТ да не го попречуваат судскиот систем, дури ни за куси периоди, во донесувањето одлуки и наложувањето на соодветни процедурални чекори. Секогаш кога ИТ системот е во фаза на поправка или кога се случуваат технички инциденти треба да се на располагање соодветни алтернативи, за да се избегнат било какви неповолни последици врз активноста на судот.

12.     Особена грижа треба да се води за однапред да се евалуира предложената легислатива во однос на нејзините импликации за соодветното ИТ третирање на случаите кои од неа произлегуваат. ССЕС препорачува таквата легислатива да стапи на сила само откако ИТ системите ќе се прилагодат кон новите барања, а судскиот персонал ќе помине низ соодветна обука.

13.     Третирањето на судските постапки со помош на ИТ е особено важно во областа на меѓународната и европската судска соработка. ИТ капацитетите можат да бидат особено релевантни во области како што се предавањето на службени дописи и други барања за судска соработка, во доставата на судски документи во Земјите членки и известувањето за нив, како и во прекуграничнотото прибирање докази (на пр. по пат на видео конференции). ССЕС препорачува Земјите членки да развиваат методи за взаемен пристап до националните ИТ системи на другите земји, како да се погрижат таквите системи да се компатибилни еден со друг. Ова ќе обезбеди ИТ да ја унапредува соработката на судиите во различните земји, а не да претставува пречка.

14.     ССЕС ги поздравува решенијата кои некои земји ги разгледуваат во примената на регулативите на ЕУ, што овозможува иницирање на граѓански тужби во една земја од жители на друга земја, како и организирање на видео конференции во контекстот на меѓународната соработка.

15.     Примената на ИТ го подобрува пристапот до правдата, и воедно ја зголемува нејзината ефективност и транспарентност. Од друга страна, таа бара големи финансиски инвестиции. Затоа, препораката на ССЕС е дека пристапот до правдата треба да се зајакне со примена на ИТ, што подразбира наметнување на  обврска Државите да мораат да му доделат определени финансиски средства на судскиот систем за оваа намена.

16.     Со податоците и информациите, какви што се оние кои се содржат во регистрите на досиеја, поединечните досиеја на случаите, подготвителните забелешки и нацртите, потоа судските одлуки и статистичките податоци за евалуацијата на судските процеси и на управувањето со судовите, треба да се управува со определено ниво на тајност на податоци. Во рамките на судовите, пристапот до информациите треба да биде ограничен на оние лица на кои тие им се потребни за да можат да ја вршат својата работа.

17.     Во врска со природата на споровите кои се поднесуваат до судовите, онлајн достапноста на определени судски одлуки би можела да ги стави правата на приватност на поединците под ризик и да ги доведе во опасност интересите на компаниите. Затоа, судовите и судствата треба да се погрижат да се преземат соодветни мерки за заштита на податоците во согласност со соодветните закони.

18.     ССЕС го поттикнува развојот на ИТ како инструмент за подобрување на комуникацијата меѓу судовите и медиумите, на пример, така што на медиумите ќе им се овозможи олеснет пристап до судските одлуки, како и известувања за претстојните расправи.

В.              ИТ и пристапот до правдата

19.     Целосните, точните и навремените информации за една постапка претставуваат фундаментален аспект на гаранцијата за пристап до правдата воспоставен во член 6 од Конвенцијата (ЕКЧП). Затоа, судиите мораат да се погрижат на сите лица вклучени во судските постапки да им се достапни точни информации. Таквите информации, генерално гледано, треба да вклучуваат детали и барања неопходни за реализирање на надлежноста. Таквите мерки се неопходни за да се обезбеди неопходната „еднаквост на оружјето“.  

20.     Во секој случај, на Правдата не може да ѝ се прекине врската со нејзините корисници, и развојот на ИТ не треба да се користи како оправдување да се откажеме од судовите.

21.     ИТ создава нови можности на корисниците на судовите да им се пружат генерални информации за судскиот систем, неговите активности, судската практика, трошоците на постапките, АРС, итн. ССЕС препорачува судскиот систем целосно да ги искористи интернетот и другите нови технологии за да ѝ се доближат на јавноста оние елементи за кои, во своето Мислење бр. 6 (став 12 и последователно), ССЕС веќе заклучи дека треба нашироко да се објавуваат.

22.     ИТ е вреден инструмент за поддршка на улогата на судовите. ИТ може воедно да ги подобри начините на кои судовите на засегнатите лице им пружаат детални информации за постапките. Затоа, ССЕС им препорачува на судовите да воведат услуги за електронски информации кои се лесни за користење.

23.     ИТ им овозможува на корисниците на судовите да покренуваат судски постапки по електронски пат (e-filing). ССЕС поттикнува понатамошно развивање на оваа практика[2].

24.     ССЕС смета дека судството треба да се погрижи судската практика, или барем клучните одлуки, да стане достапна на интернет: I) без надоместок, II) во лесно достапен облик, и III) обрнувајќи внимание на заштита на личните податоци. ССЕС ги поздравува иницијативите за воведување на меѓународни идентификатори на судска практика/прецедентно право (како што е Идентификаторот на судската практика на Европската Унија ECLI[3]) кои ќе го подобрат пристапот до судската практика на други држави.

Г.               ИТ во судските постапки

25.     ИТ нуди можности за поефикасно, појасно и посигурно процесирање на случаи.

26.     Компјутеризацијата им помага на судовите во рационализирањето на управувањето со досиејата, како и во заведувањето на случаите и водењето контрола за нив. На овој начин, со низа досиеја или поврзани случаи може да се управува под побезбедни услови; можат да се изготват специфични шаблони, за да се олесни формулирањето на судските одлуки или налози и да се овозможи мулти-критериумска статистика за секој вид на парница, што може да стане јавно достапно.

27.     Компјутеризацијата воедно може да го подобри квалитетот на работата на судијата, на пример преку дата бази кои даваат линкови до судски одлуки, до легислативата, студии за идентични прашања од областа на правото, правни коментари на претходни одлуки донесени од страна на некој суд, и други облици на споделување знаења меѓу судиите. Најнапредните и најцелосните методи од овој вид кои постојат на пазарот треба да им бидат достапни без надоместок на судиите, кои пак треба да се во состојба да ги проверат сите извори на правни информации што им се достапни на другите учесници во судскиот процес (адвокати, експерти, итн.). Помошните средства кон една судиска одлука мораат да бидат така дизајнирани, што на нив да се гледа како на помошно средство кон процесот на донесување судски одлуки, и како на алатка која ја унапредува и олеснува работата на судијата, а не како на пречка.

28.     Примената на ИТ сепак не треба да ги намали процедуралните заштитни мерки (ниту да влијае врз составот на трибуналот), и во никој случај не треба да го лиши корисникот од неговото/нејзиното право на контрадикторна расправа пред судија, да го попречи изведувањето на оригинални докази, сослушувањето на сведоци или експерти, ниту презентирањето на било каков материјал или поднесок кои тој/таа го смета за корисен. Згора на тоа, примената на ИТ не треба да ги доведе во прашање задолжителните расправи, ниту спроведувањето на било какви други формалности пропишани со закон. Судијата воедно мора, во секое време, да ја задржи моќта да наложи појавување на страните, да побара презентирање на документите во нивниот оригинален облик и  сослушување на сведоците. Безбедносните барања не смеат да ги попречуваат овие можности.

29.     Прибегнувањето кон ИТ ја поедноставува размената на документи. Странките и нивните застапници имаат пристап до информациите за случаите во кои тие партиципираат пред судот. На овој начин, тие можат да го следат напредокот во својот случај, така што ќе пристапат до компјутеризираната историја на случајот.

30.     Видео конференциите овозможуваат расправи во услови на подобрена безбедност, или сослушување на сведоци или експерти на далечина. Тие, сепак, можат со себе да повлечат опасност на судијата да му/ѝ пружат не толку директни или точни перцепции за зборовите и реакцијата на една странка, сведок или експерт. Треба да се води посебна грижа видеоконференциите и предочувањето на докази по овој пат никогаш да не ги попречат гаранциите на одбраната.

31.     Улогата на ИТ треба да се ограничи на замена и поедноставување на процедуралните чекори кои водат до индивидуализирана одлука во еден случај според неговата основаност. ИТ не може да ја замени улогата на судијата во сослушувањето и одмерувањето на фактичките докази од случајот, во утврдувањето на применливите закони и донесувањето на одлука без било какви други ограничувања освен оние пропишани со закон.

Д.              Управување со ИТ  

32.     ИТ треба да се користи за зајакнување, а не загрозување на независноста на судиите во секоја фаза на постапката. Бидејќи судиите играат важна улога во заштита на својата индивидуална и институционална независност и својата непристрасност, тие самите треба да партиципираат во донесувањето одлуки кои имаат последици на тоа поле.

33.     Пристапот до информации по пат на ИТ може да придонесе за поголема автономија на судиите при извршувањето на нивните задачи.

34.     Преголемата зависност од технологијата и од оние кои ја контролираат може да претставува ризик за правдата. Технологијата мора да е соодветна за судскиот процес, и за сите аспекти на работата на еден судија. Судиите не треба да се потчинети на императивите на технологијата и оние кои ја контролираат, од едноставни причини на ефикасност. Технологијата воедно треба да биде адаптирана на видот и нивото на комплексност на случаите.

35.     ССЕС смета дека инструкциите, шаблоните или другите предлози за формата или содржината на одлуките не треба да им се упатуваат на судиите од некој друг орган врз основа на потребите кои ја одразуваат архитектурата на ИТ системите што треба да се применуваат во судскиот процес; наместо тоа, оваа архитектура треба да биде флексибилна, и подготвена да се прилагоди на прецедентното право или судската практика.

36.     Апсолутно е неопходен дијалог меѓу оние кој ја развиваат технологијата и оние кои се одговорни за судскиот процес. Управувањето со ИТ треба да се ситуира во рамките на надлежностите на Судскиот совет или некое друго соодветно независно тело. Без оглед кое тело е надлежно за управувањето со ИТ, има потреба да се обезбеди судиите да се активно вклучени во донесувањето одлуки за ИТ во најширока смисла.

37.     Судиите треба да имаат флексибилност кога се работи за одлучување како да управуваат со случаи и да справуваат со помошната канцелариска работа. Системот за управување со случаи не треба да ја ограничи оваа флексибилност.

38.     Судиите и судскиот персонал имаат и право на и обврска за иницијална и континуирана обука за ИТ, за да можат во целост и соодветно да ги користат ИТ системите.

39.     ИТ може да биде важна алатка за зајакнување на транспарентноста и објективноста при распределбата на случаи и при подобрувањето на управувањето со случаи. Може да игра улога и при евалуацијата на судиите и судовите. Сепак, податоците собрани од ИТ системите не треба да бидат единствената основа за анализа на работата на поединечен судија. Статистичките податоци треба да се испитаат од страна на Судскиот совет или некое друго соодветно независно тело[4].

40.     Управувањето и развивањето на ИТ поставува предизвици пред секоја организација. За судствата, тоа претставува нов и изискувачки предизвик за нивните управувачки структури. Управувањето базирано на информации е прилика за развивање на институционалната независност.

41.     Финансирањето на ИТ треба да се заснова врз нејзиниот придонес кон подобрувањето на работата на судовите, кон квалитетот на правдата и нивото на услугите кои им се пружаат на граѓаните.

Ѓ.               Заклучоци - Препораки

I.                ССЕС ја поздравува ИТ како средство за подобрување на делењето правда;

II.                ИТ може да придонесе за подобрување на пристапот до правдата, управувањето со случаите и евалуацијата на правосудниот систем;

III.                ИТ игра клучна улога во пружањето на информации на судиите, адвокатите и другите засегнати страни во правосудниот систем, како и на јавноста и медиумите;

IV.                ИТ треба да се адаптира на потребите на судиите и другите корисници, никогаш не смее да ги повреди гаранциите и процедуралните права, како што е правото на праведна расправа пред судија;

V.                Судиите треба да се вклучени во донесувањето на сите одлуки кои се однесуваат на воспоставувањето и развивањето на ИТ во судскиот систем;

VI.                Треба да се обрне внимание на потребите на сите поединци кои не се во состојба да ги користат ИТ капацитетите;

VII.                Судијата мора да ја задржи, во секое време, моќта да наложи страните да се појават лично, и да бара изведување на документите во нивниот оригинален облик и сослушување на сведоците;

VIII.                ССЕС ја поттикнува примената на сите аспекти на ИТ во полза на унапредување на важната улога на судството во гарантирањето на владеењето на правото (супрематијата на правото) во една демократска држава;

IX.                ИТ не треба да ги попречува овластувањата на судијата и да ги загрозува фундаменталните начела олицетворени во Конвенцијата.



[1] За односот меѓу симболизмот и правдата, и ризиците при деритуализацијата на судскиот процес, што е тренд во современите демократии, види A. Garapon, “Bien juger – Essai sur le rituel judiciaire” (Odile Jacob, Париз, 2001), каде воедно во прилог се нуди обемна библиографија.

[2]Видете на пример Регулатива (EC) No 1896/2006 од 12.12.2006 (за Европски платен налог) и Регулатива (EC) No 805/2004 од 21.4.2004 (за Европски налог за извршување за неоспорени побарувања).

[3] Видете Службен весник OJ C127, 29.4.2011, стр. 1 : Заклучоци на Советот за поттикнување на воведувањето на Идентификатор на европската судска практика (ECLI) и минимум комплет на униформирани метаподатоци за судската практика.

[4]  Видете ги исто така Мислењата на ССЕС бр. 1(2001) став 9, бр. 10(2007) и бр. 11(2008).